Виктор Филиповски награден како најдобар млад џез-музичар од „Катар ервејс“

Posted on Posted in News

viccc

Признанието Golden Oryx, што за достигнувања на полето на културата го доделува „Катар ервејс“, годинава му беше врачено на Виктор Филиповски, којшто изминатиов период се истакна како тапанар на повеќе состави. Авиокомпанијата, која е поддржувач на Скопскиот џез-фестивал, во рамки на годинашното издание на манифестацијата го прогласи Филиповски за најдобар млад џез-музичар во Македонија.

„’Катар ервејс’ е интернационална компанија, меѓу другото, годинава прогласена за најдобар авиопревозник во светот, меѓутоа таа со гордост помага и низа локални иницијативи кои ја збогатуваат нашата глобална заедница. Се надеваме дека оваа награда ќе му даде дополнителен поттик на Виктор да продолжи по одличната патека како и досега, но и дека ќе инспирира нови генерации џез-музичари во Македонија“, изјави Алтај Шабан, комерцијален директор на канцеларијата на „Катар ервејс“ во Скопје.

Виктор Филиповски е дипломец на џез-отсекот на музичката академија при факултетот „Гоце Делчев” во Штип. На истата институција моментно е магистерски кандидат, но и најмлад инструктор вклучен во наставата по џез-тапани. Изминативе години е особено активен на македонската музичка сцена, како тапанар во голем број состави, преку кои  во различни форми го прикажува својот огромен талент и разновиден стил. Тој е дел од изданијата на групи како џезерите „Фирс“ и Тони Китановски трио. Редовно настапува со искусни домашни и регионални џез-имиња како Васил Хаџиманов и Тони Китановски.

„Во развојот на еден млад џез-музичар и генерално, човек што се занимава со креативност и уметност, значајни се талентот и образованието, но подеднакво е битна и поддршката што ја добива во периодот кога се етаблира на сцената. Оваа награда од ‘Катар ервејс’ ја гледам не само како потврда за мојата досегашна работа туку и како дополнителна поткрепа за предизвиците што допрва ќе ме пречекаат“, истакна Виктор Филиповски.
Tекстот е превземен од: makfax.com.mk.